Во Македонија како социјална држава немаме категории граѓани кои не се покриени со здравствено осигурување. Постојат многу основи предвидени со закон за здравствено осигурување кои нудат сеопфатност, а за граѓаните кои не можат да се осигураат по ниту една основа има посебна основа. Тоа се лица кои не остваруваат приходи. Овие лица се осигуруваат преку програма на Минстерството за здравство кое плаќа здравствено осигурување за нив, истакна денеска генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Посочи дека како потврда на фактот дека нема категорија граѓани што не се осигурани говори и тоа што во моментот има 1.836.000 осигуреници, од кои 470.000 или секој четврти граѓанин не остварува приходи.
Во основа оваа категорија, појасни тој, овозможува лицата што минатата година имале под 293.000 денари приходи, кои во последните два месеци имале помалку од 48.000 денари, да добијат бесплатно здравствено осигурување, а лицата што имале повисоки приходи од овие да плаќаат придонес на основицата 50 отсто од просечната плата, а тоа е 2.593 денари месечно, да добијат здравствено осигурување.
– Точно е дека немаме категории што не се опфатени, но има проблеми со здравственото осигурување во одделни случаи, но ние работиме на тоа. Првин работната група на Министерството за здравство, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Фондот, кои ги гледаат овие критериумите за тие 470.000 лица. Тука имаме два типа проблеми, прво, за лицата што непосредно дале или добиле отказ и како да се обезбеди транзицијата и, второ, за лицата што остваруваат нерегистрирани приходи, односно работат во сивата економија во земјата или кои приходите ги остваруваат во странство. Овие лица не би требало да бидат осигурани со бесплатно здравствено осигурување – рече Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање тој посочи дека можно е да има починати лица кои се носители на здравствено осигурување и преку нив да се осигурани други членови на семејството.
– Ние координираме со Матичните книги како да ја подобриме комуникацијата за прочистувањето на здравственото осигурување од вакви лица да биде редовно. Втората група каде е можно да имаме непотребно здравствено осигурување е во групата лица кои не остваруваат приходи, додаде Клековски.

















