Во чест на прославениот југословенски одбојкар Мишко Митиќ, викендов во Велика Градиште се одржа третиот Меморијален турнир во одбојка за ветерани, на кој настапија 12 екипи од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Северна Македонија. Меѓу учесниците беше и екипата на ОК Борец ветерани, која настапот го започна во групата Д, заедно со две екипи од Белград.
Велешани во групната фаза забележаа една победа и еден пораз, што им донесе пласман во елиминациската фаза. Таму најпрво убедливо ја совладаа екипата Јужна Пруга од Власотинце со 2:0, а потоа во четвртфиналето беа подобри и од домаќинот ВГСК, повторно со максимални 2:0.
Во полуфиналето следуваше дуел со Белград Фил, екипа од која Борец претрпе пораз во групната фаза. Велешани добија можност за реванш – и целосно ја искористија. Борец славеше со убедливи 2:0, со сетови од неверојатни 17:2 и 17:10, обезбедувајќи пласман во големото финале. Во финалето против Лордовите од Белград, единствената непоразена екипа на турнирот, велешките ветерани поведоа со 1:0 во сетови. Следуваше голема борба, но во продолжението Белград успеа да направи пресврт и да слави со 2:1.
Така, Борец ветерани го освои одличното второ место, за кое доби пехар и сребрени медали. Особено значајно е што до среброто велешани стигнаа со четири натпревари одиграни во само седум часа, во конкуренција на голем број квалитетни и искусни екипи. Токму затоа, од таборот на Борец велат дека овој пехар има посебна тежина. Велешките ветерани досега настапиле на седум меѓународни турнири и на сите седум освоиле одличје – две први места, две втори и три трети места.

За ветераните на Борец нема многу време за одмор. Веќе во недела, 4 октомври, ги очекува дербито на двете непоразени екипи во првенството против Шкендија во Тетово. Потоа, на 18 октомври, следува полуфиналниот турнир од плеј-офот, додека финалето е закажано за 1 ноември.
Згуснат е и меѓународниот календар. Борец ветерани ќе настапи на Grand Prix турнирот во Крањска Гора од 13 до 15 ноември, а годината ќе ја заокружи со настапот на турнирот во Суботица на 12 декември.
Уште едно одлично одличје за велешките одбојкарски ветерани и потврда дека и покрај годините, мотивацијата за победа кај нив не се намалува.






















