Си замина ромското семејство кое повеќе од осум години живееше во импровизиран дом на улицата „Петре Прличко“, во близина на Агенцијата за вработување во Велес. Дваесетината членови ги натовариле арабаџиските коли, ги собрале децата и домашните животни, а дел од нив заминале со комбе.

Жителите на Варналиите, соседните куќи и околните згради, како и вработените во блиските продавници, деловни простории и приватни здравствени установи, се надеваат дека конечно ќе здивнат од непријатната миризба и нехигиенските услови што со години се ширеа од просторот.
Засега не е познато дали семејството го напуштило Велес привремено или трајно. Отворено останува и прашањето дали надлежните институции конечно ќе ја исчистат и уредат државната земја на која се наоѓаше импровизираниот дом.



















