Еден од најстарите и најконстантните спортски настани во Македонија, меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, годинава го достигнува своето јубилејно 50. издание, но за првпат ќе има и нов натпреварувачки формат. По пет децении, Меморијалот прераснува во Суперкуп на Македонија, кој во иднина ќе се одржува секоја година пред почетокот на новата одбојкарска сезона.
Во центарот на машкиот дел од јубилејното издание ќе биде и ГОК Борец од Велес, кој ќе има можност да се бори за првиот трофеј во новата сезона. Велешкиот состав ќе ги одмери силите со Штип УГД, во натпреварот кој ќе ги соочи ланските финалисти во првенството и во Купот. Средбата е закажана за 7 октомври (среда) од 17 часот, во салата на Средното економско училиште „8. Септември“ во Тетово.
За Борец ова ќе биде посебен момент, бидејќи велешкиот клуб ќе биде дел од првото издание на Суперкупот во овој формат, а воедно и од јубилејниот 50. „Чајка“.
Програмата ќе продолжи од 19:30 часот со женскиот Суперкуп, во кој ќе се сретнат шампионот Работнички Скопје и освојувачот на Купот на ОФМ 2026, Вардар ЕМ.























