(ФОТОГРАФИИ) Манасков: Велес врие од диви депонии, Општината не реагира

Диви депонии на повеќе локации во Велес, меѓу кои и на улицата „АСНОМ“, каде што треба да се користи локација за паркирање на возилата за време на Питијадата, се посочуваат во реакција на Јованче Манасков, советник на СДСМ Велес.

Zito baner

Манасков потсетува дека пред две недели се запалила дива депонија со комунален отпад над населбата Дервен, во непосредна близина на базенот за вода на ЈКП „Дервен“. Како што наведува, пожарникарите три часа се бореле со огнот, а густиот црн чад од горењето пластика го прекрил стариот дел од Велес.

Agria

Според Манасков, по пожарот немало мапирање на дивите депонии, акција за нивно расчистување ниту, како што вели, сериозна реакција од Општината.

„Ќе ги види ли градоначалникот овие депонии пред да пристигнат гостите или ќе го гледа само културно-забавниот живот за време на манифестацијата? Какво лице ќе оставиме за градот?“, прашува Манасков.

Тој се повикува на извештајот на ЈКП „Дервен“ за првото шестмесечје, според кој, како што наведува, исчистена е само една мала депонија кај Битолска пруга.

Во реакцијата се посочува и ставката од 800.000 денари за чистење диви депонии, која била содржана во Нацрт-програмата за животна средина за 2026 година, но според Манасков, исчезнала од Предлог-програмата. Како што наведува, активноста била префрлена во Програмата за јавна чистота, во ставката „вонредно одржување“.

„Може да ја префрлате ставката од една програма во друга колку сакате, но дивите депонии не исчезнуваат со префрлање на буџетски ставки. Се чистат“, вели Манасков.

Тој посочува и на член 28 од Законот за управување со отпадот, за кој вели дека е јасен и дека градоначалникот е должен да се грижи за јавната чистота и за собирање и расчистување на напуштениот отпад.

Манасков потсетува дека во 2025 година Општина Велес се приклучила на државната акција „Генералка викенд“ и организирала акција за чистење и селектирање отпад.

За 2026 година, како што наведува, нема јавна информација за таква акција, туку Општината, според него, организирала чистење на дворовите на училиштата од страна на децата и наставниците.

Во својата реакција Манасков ја посочува и сумата од 600.000 денари, односно 10.000 евра, за која наведува дека во 2025 година била потрошена од буџетот на Општината за три дена чистење на локацијата каде што се одржувала Питијадата.

„Градоначалниче, не ви треба посебна мапа. Само прошетајте низ Велес. Ќе ги видите дивите депонии. И наместо да го чистите само централното градско подрачје за Питијада и да потрошите за три дена 600.000 денари, односно 10.000 евра од буџетот на општината само за чистење на локацијата на одржување на Питијадата како што тоа го направивте во 2025 година, направете нешто многу поедноставно: исчистете ги дивите депонии во градот за тие пари. Тоа е впрочем и ваша законска обврска. Се удавивме во ѓубре“, додаде Манасков.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: