На 103-годишна возраст почина д-р Никола Стојановски, легендарен велешки педијатар, учесник во Народноослободителната борба, еден од организаторите на историскиот штрајк на велешките гимназијалци во 1942 година и првиот претседавач на повеќепартиското Собрание на Република Македонија.
Д-р Стојановски е роден во 1923 година во селото Скачинци, Велешко. Во март 1942 година бил меѓу организаторите на штрајкот на учениците од велешката гимназија, кои се спротивставиле на воведувањето на бугарскиот јазик во наставата за време на бугарската окупација. Поради протестот, учениците биле исклучени од наставата, но по силната поддршка од велешани, одлуката била повлечена и тие добиле само укор. Стојановски до крајот на животот сведочеше за овој историски настан, нагласувајќи дека борбата за македонскиот јазик и идентитет никогаш не смее да биде заборавена.
По завршувањето на Втората светска војна студирал медицина во Белград, каде дипломирал во 1952 година, а во 1958 година ја завршил специјализацијата по педијатрија во Загреб. Речиси целиот свој работен век го поминал во Велес како педијатар и хематолог, лекувајќи генерации деца, а извесен период бил и директор на Општата болница.
Во политичкиот живот остана запаметен како најстар избран пратеник во првиот повеќепартиски состав на македонското Собрание, кој на 8 јануари 1991 година ја отвори и претседаваше со конститутивната седница, поставувајќи ги темелите на современиот парламентарен живот во независна Македонија.
Д-р Никола Стојановски беше и долгогодишен претседател, а потоа почесен претседател на Сојузот на борците на Македонија, останувајќи активен во јавниот живот и по стотиот роденден.
Почина на Илинден, 2 август – ден што длабоко ја обележува македонската историја, како симболична разделба со човек кој низ целиот свој живот беше сведок и учесник во создавањето на современа Македонија.
Со неговата смрт, Велес и Македонија загубија исклучителен лекар, патриот и сведок на едни од најзначајните историски настани во македонската држава. Неговото дело и придонес ќе останат трајно запаметени. Погребот на д-р Никола Стојановски ќе се одржи утре.






















