Со стих, музика и човечност, велешани ќе се обединат во хуманитарен настан посветен на семејството Јовевски од Велес, кое остана без својот дом откако нивната куќа изгоре до темел во пожар.
Хуманитарниот поетски и музички настан „Стих по стих – подадена рака“ ќе биде посветен токму на нивната приказна, но и на идејата дека во најтешките моменти помошта може да дојде од наједноставните нешта – збор, песна, стих и подадена рака.

Настанот е замислен како средба на која уметноста ќе биде ставена во служба на хуманоста, а присутните преку своето учество ќе можат да придонесат за семејството кое за само еден миг остана без својот дом и без голем дел од она што го создавало низ годините. Во рамките на настанот ќе има поезија и музички настапи, а организаторите упатуваат порака дека секој придонес е важен.
Хуманитарниот настан ќе се одржи во вторник, 13 октомври, со почеток во 18 часот, во Медијатеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес.






















