Јубилејното 50. издание на меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ утре, 7 октомври, ќе донесе историски момент за македонската одбојка, бидејќи турнирот годинава за првпат ќе се игра и во рамки на новоформираниот Суперкуп на Македонија. Во салата на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово, во 17 часот, ќе се сретнат освојувачот на двојната круна Штип УГД и ГОК Борец од Велес, финалистот во првенствениот плеј-оф и Купот на Македонија минатата сезона.
За велешани ова ќе биде уште една можност да се борат за трофеј по двете финалиња минатата сезона, а воедно и значаен натпревар во годината во која клубот одбележува 70 години од своето формирање. Тренерот на ГОК Борец, Петре Жабев, вели дека за клубот претставува чест што ќе биде дел од историското прво издание на Суперкупот, но и од јубилејното 50. издание на „Чајка“.
„Чест и задоволство е да се игра на ваков јубилеј – 50 години ‘Чајка’ и прв Суперкуп. Оваа година ќе ја заокружиме со уште едно финале, по двете финалиња во првенството и Купот. За нас како клуб ова е успешна година, во која Борец слави и 70 години од формирањето“, вели Жабев.
Борец во новата сезона ќе настапи со изменет состав во однос на минатата сезона, па токму Суперкупот ќе биде можност новите одбојкари да се вклопат во системот на игра и тимскиот дух.
„За овој натпревар нашата екипа ќе игра во изменет состав од претходната сезона. Новите играчи треба да се приспособат на играта и тимскиот дух на екипата. Сепак, фаворитската улога му ја препуштаме на тимот на УГД Штип, но секој момент на опуштање на противничката екипа ќе се обидеме да го искористиме“, додава тренерот на велешкиот состав.
Жабев очекува максимален ангажман од своите одбојкари и натпревар достоен за значењето на јубилејот.
„Се надеваме на јубилеј каков што доликува на ова натпреварување и ќе го дадеме нашиот максимум да се претставиме во добро светло.“
Машкиот Суперкуп меѓу Штип УГД и ГОК Борец е закажан за 17 часот, додека во 19:30 часот ќе се одигра женскиот дуел меѓу шампионот Работнички Скопје и освојувачот на Купот на Македонија за 2026 година, ЖОК Вардар ЕМ.
Со новиот формат, „Чајка“ добива дополнително значење во македонската одбојка, а за Борец натпреварот ќе биде уште еден голем предизвик во годината во која велешкиот клуб прославува значаен јубилеј.






















