Утре ќе биде погребан д-р Никола Стојановски, човекот што го отвори првото повеќепартиско Собрание на Македонија

Погребот на д-р Никола Стојановски ќе се одржи утре, 4 август (вторник), во 11 часот на гробиштата кај црквата „Свети Спас“ во Велес. Посмртните останки ќе бидат изложени од 10 часот, кога граѓаните, семејството, пријателите и колегите ќе можат да му оддадат последна почит.

Zito baner

Д-р Никола Стојановски почина на Илинден, 2 август, на 103-годишна возраст, симболично заминувајќи на денот што ја олицетворува борбата за слобода и државност – идеали на кои и самиот им го посвети својот живот.

Agria

Стојановски беше еден од најстарите лекари во Македонија, легендарен велешки педијатар, учесник во Народноослободителната борба, еден од организаторите на штрајкот на велешките гимназијалци во 1942 година и првиот претседавач на повеќепартиското Собрание на Република Македонија.

Роден во 1923 година во селото Скачинци, Медицинскиот факултет го завршил во Белград во 1952 година, а специјализирал педијатрија во Загреб. Речиси целиот свој работен век го поминал во Велес, каде што како педијатар и хематолог лекувал генерации деца, а извесен период бил и директор на Општата болница.

Во политичката историја на Македонија останува запаметен како најстар избран пратеник во првиот повеќепартиски состав на Собранието, кој на 8 јануари 1991 година ја отвори и ја водеше конститутивната седница, поставувајќи ги темелите на современиот македонски парламентаризам.

Со неговото заминување, Велес и Македонија изгубија исклучителен лекар, хуманист и сведок на едни од најзначајните историски настани во македонската држава.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: