Велес го чествува светиот великомаченик Пантелејмон – заштитникот на градот

Велес го одбележува празникот на светиот великомаченик Пантелејмон, кој од 2009 година се чествува и како официјален празник на градот. Празнувањето започна синоќа со  богослужба, по која се одржа и Духовна академија.

Zito baner

Во црквата „Свети Пантелејмон“ голем број верници присуствуваа на богослужбата и се помолија за застапништвото на светецот, кој велешани го почитуваат како свој духовен закрилник.

Agria

По вечерната богослужба следуваше Духовна академија, на која се обратија протоереј Ристе Јанушев кој говореше за светиот великомаченик Пантелејмон како и градоначалникот, Марко Колев.

Во рамките на програмата настапи Јована Богдановска, во придружба на инструментален состав, а програмата ја водеше велешкиот актер Васил Зафирчев.

Централниот настан денеска е од празнувањето е Божествената Литургија, со која ќе чиноначалствува Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на свештенство од целата епархија.

Празникот има посебно значење за велешани. Според црковното предание, градот бил спасен од страшната чума која се појавила во XIX век, по молитвите кон светиот великомаченик Пантелејмон. Токму затоа неговата закрила и денес има посебно место во духовниот живот на градот.

Црквата „Свети Пантелејмон“ е едно од најзначајните дела на познатиот македонски градител Андреја Дамјанов. Храмот е изграден во 1840 година и се смета за едно од неговите најценети архитектонски остварувања. Во него за првпат целосно се препознаваат неговите архитектонски концепти, внесени во форма на нова црковна архитектура.

Храмот е сместен на вештачка тераса на стрмните падини од Велешката Клисура кон реката Вардар. До црквата водат стрмни патеки, а од нејзиниот двор се отвора поглед кон двата дела на Велес, распослани на двата брега на Вардар. Од другата страна се издигаат падините на ридот Вршник.

Во дворот на црквата се наоѓа и подоцна изградената камбанарија, како и неколку придружни објекти.

Со својата архитектура, историја и духовно значење, „Свети Пантелејмон“ останува еден од препознатливите симболи на Велес и сведоштво за богатото културно и верско наследство на градот.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: