Повеќе од 14.500 матуранти следната сабота ќе го започнат полагањето на екстерните испити од матурата, која годинава за првпат ќе се реализира според новиот модел со три различни типа завршен испит.
Според податоците на Државниот испитен центар, за полагање се пријавени вкупно 14.587 ученици. Од нив, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 државна стручна матура, додека 127 кандидати ќе полагаат државна уметничка матура.
Оваа година целосно ќе се применуваат измените во Законот за средното образование, со кои матурата повеќе нема да биде единствен модел за сите ученици. Наместо тоа, завршниот испит ќе се организира според видот на образованието што учениците го завршиле – гимназиско, стручно или уметничко.
Испитите и годинава ќе се спроведуваат во поголеми простории како амфитеатри, предавални, читалници, фискултурни сали и други соодветни објекти.
Првиот екстерен испит ќе се полага на 6 јуни со почеток од 9 часот, а учениците ќе можат да избираат меѓу странски јазик, математика или историја, во зависност од типот на матурата. Најголем интерес има за англиски јазик, за кој се пријавени 13.208 кандидати.
Задолжителниот испит по мајчин јазик и литература ќе се полага на 11 и 12 јуни. Македонски јазик ќе полагаат 9.810 ученици, албански 4.199, турски 360, а српски јазик пет кандидати.
За непречено спроведување на испитите ќе бидат ангажирани околу 2.500 тестатори и 200 набљудувачи.






















