Продажбата, угостителството и услужните дејности и натаму се секторите во кои македонските работодавачи најтешко наоѓаат работници. Најновите податоци на Државниот завод за статистика за првиот квартал од 2026 година покажуваат дека токму овие дејности имаат најголема потреба од нови вработувања.
Според статистиката, стапката на слободни работни места во периодот јануари – март изнесувала 2,07 проценти, а во категоријата работници во услужни дејности и продажба биле евидентирани 2.346 непополнети работни позиции. Тоа укажува на континуирана побарувачка за кадар во трговијата, угостителството и другите услужни сектори.
Најизразен недостиг на работна сила е регистриран во секторот сместување и угостителство, каде стапката на слободни работни места достигнала 4,94 проценти. Според анализите, ваквиот тренд е очекуван поради подготовките за летната туристичка сезона, кога традиционално расте потребата од сезонски и постојан персонал.
Иако во државата има повеќе од 10.000 слободни работни места, податоците покажуваат дека најголемата побарувачка е концентрирана во професии кои не спаѓаат меѓу најплатените. Од друга страна, работните позиции со највисоки примања се значително помалку застапени на пазарот на труд.
На спротивниот крај од листата се наоѓа секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што е забележана најниска стапка на слободни работни места од само 0,15 проценти, што укажува на значително постабилна состојба во однос на потребата од нови вработувања.






















