Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага против тројца раководни лица од ЈП „Комуналец“ – Гостивар, откако анализите покажале дека водата во системот за водоснабдување била сериозно загадена и небезбедна за употреба.
Под истрага се в.д. директорката на претпријатието, техничкиот раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи. Тие се осомничени за кривичното дело „Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење“.
Според Обвинителството, тројцата на 25 јуни им наредиле на вработени да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода загадена со штетни материи, во близина на преливната комора на системот за водоснабдување, со цел да го тестираат притисокот на водата.
При увид извршен на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сè уште работеле и преку црева ја пренесувале загадената вода во комората со вода за пиење. На тој начин дошло до мешање на водата од отворениот канал со водата во главниот водоснабдителен систем.
Анализите на Институтот за јавно здравје покажале исклучително високо присуство на колиформни бактерии – 2.419,6 cfu/100 мл, додека максимално дозволената вредност е 50 cfu/100 мл. Во примероците од каптираниот извор биле пронајдени и 39 cfu/100 мл колиформни бактерии, иако според прописите нивното присуство треба да биде нула.
Дополнително, во примерок од вода земен од чешма на улицата „ЈНА“ во Гостивар било утврдено и зголемено количество резидуален хлор – 1,1 мг/л, што е значително над дозволената граница.
Обвинителството оценува дека поради високото ниво на загадување водата станала неупотреблива и небезбедна за консумирање, а последиците од загадувањето не можат лесно да се отстранат.
Тројцата осомничени се лишени од слобода, а во текот на денот јавниот обвинител ќе одлучи какви мерки за нивно обезбедување ќе предложи до судот. Истрагата продолжува за целосно расчистување на случајот.






















