Од полноќ, значително ќе поскапат нафтените деривати во земјава. РКЕ донесе одлука со која малопродажните цени во просек се зголемуваат за 4,89 отсто. Најголем удар ќе почувствуваат возачите на дизел, чија цена се зголемува за 6 денари за литар. Новата максимална цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе биде 101 денар за литар.
Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98 поскапуваат за 3 денари за литар, па од утре ќе се продаваат по: ЕУРОСУПЕР БС-95 – 97 денари/литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 – 99 денари/литар, ЕУРОДИЗЕЛ БС – 101 денар/литар, Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 105 денари/литар, Мазут М-1 НС – 46,001 денари/килограм. ЕЛ-1 поскапува за 8 денари за литар, додека цената на мазутот се зголемува за 1,591 денар за килограм.
Причина за поскапувањето е растот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во однос на претходната пресметка, бензините пораснале за 4,829 отсто, дизелот за 8,922 отсто, екстра лесното масло за 11,644 отсто, а мазутот за 4,163 отсто.
И покрај зголемувањето, продолжува примената на намалената акциза од 2 денари за литар кај бензините и 4 денари за литар кај дизелот.




















