Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кој повеќе од една година беше недостапен за органите на прогонот, утринава се предал и е лишен од слобода.
Бајрами, кој е осомничен за проневера и злоупотреба на службената положба во случајот поврзан со Државна лотарија, во 5:35 часот самоволно се пријавил кај надлежните органи, информираа од МВР. Според објавените информации, тој пристигнал пеш и се пријавил во својство на лице по кое е распишана мерка „апси“.
„Денеска (09.09.2026) во 05:35 часот на ГП Долно Блаце за влез во РСМ се пријави Перпарим Бајрами (33), баран со меѓународна потерница по наредба од ОЈО Скопје бр.XVII KO бр.4232/24 од 17.12.2024 година. Лицето е лишено од слобода и спроведено во Казнено поправната установа Затвор Скопје“, стои во соопштението на МВР.
Неговото предавање доаѓа откако Бајрами беше во бегство, а по него беше распишана и меѓународна потерница. Тој беше баран заедно со поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, во рамки на истрагата за сомнежи за незаконитости поврзани со Државна лотарија.




















