Фудбалерите на Превалец со голем пресврт во второто полувреме стигнаа до трите бода на гостувањето во Мало Коњаре, совладувајќи го домашниот Влазними Јуниор со 4:3. На полувреме домаќините имаа предност од 2:1.
Превалец одлично го започна натпреварот и поведе во 12. минута преку Нешов, но Влазними Јуниор брзо возврати. Во 15. минута Аделин Демири израмни на 1:1, а во 37. минута Фатон Ибраими донесе пресврт и водство за домаќините од 2:1.
Во вториот дел Превалец заигра многу подобро и онака како што посакуваше тренерот Димче Маневски. Нешов повторно се запиша во листата на стрелци во 47. минута, израмнувајќи на 2:2. Во финишот следуваше целосен пресврт. Александар Крстевски во 78. минута погоди за 3:2, а само шест минути подоцна Давид Богдановски зголеми на 4:2 и практично го реши победникот. Иако Фатон Ибраими со својот втор гол во 88. минута намали на 4:3, домашните немаа време за уште еден пресврт.
„Тежок натпревар против младата, но моќна екипа на ФК Влазними. Натпревар на кој не одигравме на потребното ниво. И покрај тоа, посебно во првото полувреме, не искористивме пет стопроцентни шанси за гол. На крај, со одличните шутеви на Крстевски и Богдановски направивме пресврт за конечни 3:4 и освоени три нови бода за ФК Превалец“, изјави Маневски.
Превалец така продолжува со добри резултати, а во следното коло на домашен терен го пречекува Млекар, тимот кој моментално се наоѓа на последното место на табелата.






















