Системот „Сејф сити“ ќе се проширува со мобилни камери поставени во полициските возила, вклучително и во цивилните, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Голем број возила на МВР ќе бидат опремени со уреди што автоматски ќе регистрираат сообраќајни прекршоци, пред сè пречекорување на дозволената брзина.
Целта е да се стави крај на практиката возачите да ја намалуваат брзината само на местата каде што знаат дека има поставено камери, додека на останатите делници продолжуваат да возат пребрзо.
„Сега ги научивме камерите каде се и знаеме дека каде што има камера возиме така како што треба, а каде што нема камера повторно имаме поинаков тип на управување со моторно возило. Во иднина голем број од полициските возила, вклучително и цивилните, ќе бидат опремени со уреди со кои ќе може да се констатираат неколку прекршоци“, најави Тошковски.
Според министерот, прекршоците регистрирани со овие уреди директно ќе се внесуваат во електронскиот систем, со што ќе се овозможи поефикасно евидентирање и санкционирање на прекршителите.
„Возачите повеќе нема да можат да претпостават каде ќе бидат полициските возила, а тие ќе можат да констатираат прекршок кој директно ќе биде внесен во дигиталниот систем“, рече Тошковски.
Со воведувањето на мобилните камери, контролата на сообраќајот треба да се прошири и надвор од локациите на кои веќе се поставени фиксните камери на „Сејф сити“.





















