Во Македонија се одбележува Националниот ден на Власите

Денеска, 23 мај, во земјава се одбележува Националниот ден на Власите, празник посветен на културата, традицијата и идентитетот на влашката заедница.

Zito baner

По тој повод, во повеќе градови низ државата се организираат културни манифестации, концерти, изложби и средби со кои се оддава почит на богатото културно наследство на Власите. Традиционално, најголем дел од активностите се одржуваат во Крушево, град кој важи за еден од симболите на влашката култура и традиција.

Agria

Националниот ден на Власите се одбележува во чест на историското признавање на Власите како посебен народ, а празникот претставува можност за зачувување и промоција на влашкиот јазик, обичаите и културните вредности.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во честитката по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите истакна дека треба да сме горди како единствената држава во којашто Власите се уставен етнички ентитет, рамноправен со другите и еднаков во уживањето на индивидуалните и колективни права.

„Почитувани сограѓани Власи, Вие припаѓате на древната духовна лоза на балкански народи, чие историско опстојување не е врзано за моќ и граници, туку за јазикот, меморијата и свеста за посебниот влашки идентитет“, нагласи Давкова.

Таа истакна дека во влашкиот јазик, традиција и култура се вткаени вековната истрајност, силното чувство  на припадност и духовното достоинство, пренесувани низ генерациите како печат на еден народ што умеел и успеал да си го сочува националниот интегритет и дигнитет во тешки времиња на војни, страдања и преселби.

„Треба да сме горди како единствената држава во којашто Власите се уставен етнички ентитет, рамноправен со другите и еднаков во уживањето на индивидуалните и колективни права. Има ли поголема потврда за демократската зрелост на македонскиот политички систем, како и за инклузивноста на македонското општество кон сите заедници? Со својот сестран општествен придонес, Власите оставија и продолжуваат да оставаат небришливи траги на секое поле! Нека е честит 23 Мај, Националниот ден на Власите! Вечен да е! – се наведува во четитката на претседателката Сиљановска Давкова.


Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: