Зимата носи низа предизвици за здравјето, особено за оние кои имаат респираторни проблеми или се дел од ранливите категории на населението. Студеното време, високата загаденост на воздухот и честите вирусни инфекции го прават дишењето потешко, предизвикуваат кашлица, болки во грлото и други здравствени проблеми. Загадениот воздух, особено во деновите со високи концентрации на ПМ честички, значително го оптоварува респираторниот систем и претставува сериозен ризик по здравјето.
За тоа со какви предизвици се соочуваат пациентите во зимските месеци, како загадениот воздух влијае врз дишните патишта и кои мерки за заштита можат да се преземат, Батали.нет разговараше со д-р Оливер Зографски, специјалист оториноларинголог од приватна здравствена амбуланта ПЗУ Оливер Зографски.
Батали.нет:
1. Зимава сите зборуваат за болки во грлото и запушен нос – што е најчесто кај вашите пациенти во овој период?
д-р Оливер Зографски
Со последните денови на есента и почеток на зимата во ординација начесто доаѓаат пациенти со знаци на воспаление на носот и грлото. Најчести предизвикувачи се респираторни вируси, но често се среќаваат и бактериски инфекции. Една од главните причини е големата загаденост на воздухот кој го дишиме, што доведува до пад на имунитетот.
Најчести се настинките, кои се предизвикани од вируси, а проследени се со затнат нос, кивање и обилна носна секреција на воден секрет. Поради отечената носна лигавица носот е затнат, отежнато е дишењето и ослабен е мирисот. Се јавува и болка при голтање, сувост во грлото, надразнителна кашлица и подзасипнатост на гласот. Не ретко се јавува и покачена температура.
Доколку падне имунитетот, на ваквата вирусна инфекција лесно може да се надоврзе и бактериска инфекција, најчесто стрептококна. Ваквите инфекции се проследени со висока температура, обоен секрет во носот, кашлица, силна болка во грлото, отежнато голтање, често и зголемени лимфни жлезди на вратот.
Во овој период многу често има и пациенти со симптоми на грип, кој исто така е вирусна инфекција и се манифестира со висока температура, омалаксаност, болки во мускулите и зглобовите, кашлица, На почеток симптомите се слични на обична настинка, а се разликуваат по тоа што се многу по интензивни. Кај децата може да се манифестира и со грчеви во стомакот повраќање и пролив.
Каj полесни симптоми на настинка или грип не мора веднаш да се бара лекарска помош, Тоа што можете да го направите дома е повеќе одмарање и избегнување на тешка физичка работа која го изморува оранизмот и телото, пиење на доволно течност пред се вода (почесто млака), чаеви, природни сокови, компоти. По потреба може да се земе симптоматска терапија, таблети за симнување на температурата како парацетамол или ибупрофен, инхалации со водена пареа, камилица. Неколку дена може да се ставаат капки во нос, пастили за грло, солени ратвори за перење на носот. Треба да повремено да се проветрувааат просторите кога воздухот надвор е почист или пак да се користат прочистувачи на воздух.
Батали.нет:
2. Кои симптоми се аларм дека треба веднаш да се јавиме кај лекар
Грипот може да даде сериозни компликации, посебно кај мали деца, трудници, по возрасни лица и пациенти со хронични заболувања.
- Кај грип и остaнатите респираторни вирусни инфекции потребно е веднаш да се побара лекарска помош:
- Доколку тепературата трае повеќе од 4-5 дена
- Доколку се јави отежнато дишење или болка во градите, посебно при кашлање,
- Доколку се појави зашеметеност, нестабилност или вртоглавица, збунетост или други промени во менталната состојба
- Доколку во тек на болеста симптомите се смират и потоа наеднаш повторно се појават со многу поизразен интензитет
- Кај бактериските инфекции на горните дишни патишта доколку носот остане затнат подолго време и почнува да се јавува главоболка и чувство на притисок во носот и главата, понекогаш проследена со покачена температура, продолжена кашлица, болки во ушите – тогаш е потребно да се побара лекарска помош посебно од ОРЛ специјалист.
Батали.нет:
3.Воздухот е многу загаден, особено сега. Како тоа влијае на дишните патишта и на што треба да обрнеме внимание?
Јасно е дека од година во година воздухот во Македонија е се позагаден, посебно во студените месеци, додека трае грејната сезона. Зголемениот број на возила, густината на населението на мала површина, зголемениот број на домаќинства и индустриски објекти, сите тие на свој начин допринесуваат за зголемената загаденост на воздухот.
Вака загадениот воздух е многу сериозна закана за нашето здравје. Под влијание на лошиот воздух највеќе страдаат дишните органи и кардиоваскуларниот систем.
Честичките во загадениот воздух, познати како ПМ, се микроскопски мали кои лебдат во загадениот воздух и се со различна големина. Тие навлегуваат во нашето тело со секое вдишување и се главниот виновник за многу болести. Разбирањето на овие честички и како да се штитме од нив е првиот чекор кон одржувањето на доброто здравје.
ПМ честичките содржат прашина, чад, метали и разни хемиски соединенија. Нивната големина варира.
- ПМ10 се најголеми и со вдишувањето се налепуваат и таложат во горните дишни патишта, односно носот и носот е способен да ги запре да не навлезат во белите дробови. Ове честички настануваат со согорување на горивата, ерозија на земјиштата и од градилиштата.
- ПМ2,5 и ПМ1 се многу ситни честички кои носот неможе да ги запре и тие навлегуваат директно и длабоко се до најситните делови на белите дробови – алвеолите каде што е размената на О2 и СО2. ПМ1 пак навлегуваат директново крвта. Главен извор за овие честички е греењето на цврсто гориво – дрва и јаглен, сообраќајот, термоцентралите и индустријата. Овие честички имаат најштетно дејство.
Последиците од вдишувањето на загаден воздух зависат од тоа колку долго сме изложени на загадувачите, како и колкава е концентрацијата на ПМ честички во воздухот.
Како реагира организмот на загадениот воздух?
Загадениот воздух ги иритира пред се горните дишни патишта, најпрво носот, потоа и грлото. Иритираната слузокожа се воспалува, отекува, носот се затнува. Се јавува побилна секреција како одбранбен механизам на носот, кивање, чешање, а некогаш и печење доколку во воздухот има хемиски испарувања.
Ваквата реакција е одбранбен механизам на организмот и на овој начин носот ги запира, чисти и исфрла ПМ10 честичките.
Носот нема способност да ги запре ПМ2.5 честичките. Тие навлегуваат директно во белите дробови дабоко до алвеолите. Прво ја оштетуваат слузокожата на поголемите дишни патишта – бронхиите. Кога ќе се налепат на слузокожата на бронхиите таа се иритира и воспалува, отекува и се јавува појачана секреција, секретот се налепува и го отежнува дишењето. Најситните честички пак ги поминуваат и алвеолите и доаѓаат директно во крвотокот, а со тоа директно во срцето, а со тоа во сите останати органи – црниот дроб, мозокот и т.н.
Многу важно е да се знае дека П 2.5 и ПМ 1 честичките се главната состојка на димот од цигарите!
Пушењето во затворена просторија предизвикува екстремно висока концентрација на овие честики, значително повисока од надворешните конентрации.
Пушењето, претставува главна причина за загаден воздух и присуство на ПМ2.5 и ПМ1 во затворените простории!
Значи коа престојуваме во просторија во која има макар и само еден пушач ние немаме никава одбрана од загадениот воздух!
Батали.нет:
4.Дали има некои едноставни работи што можеме да ги правиме дома или надвор за да го заштитиме носот и грлото од студ и загадување?
За жал, во целост не можеме да го избегнеме загадувањето но затоа можеме да преземеме некои конкретни чекори со кои ќе ја намалиме личната изложеност на загаден воздух.
Прва работа е да бидеме добро информирани кога има високи концентрации на штетни честички во воздухот. Најлесен начин за тоа е да инсталираме на својот телефон некоја од апликациите за информирање за загаденост на воздухот.
Доколку нивото на загаденост е високо треба да се избегнува подолготраен престој на отворено, посебно да се избегнува спортување на отворено! Најдоро е да се остане во затворена просторија.
Доколку мора да се излегува во време на екстремна загаденост на воздухот најдобро е да се користат заштитни маски. Шал и марама не заштитуваат од ПМ 2.5 честички. Кога се бира маска треба да се одбере сертифициирана маска од типот на N95, KN95 или FFP2.
Загаденот воздух навлегува и во затворени простории. За да обезбедите чист воздух дома не ги проветрувајте присториите во периодот на висока загаденост, Прочистувачите на воздух со HEPA филтри помагаат да се одржи воздухот чист.
Посебно сакам да напоменам: избегнувајте престој во простории во кои се пуши! Престојот во просторија задимена со чад од цигари не прави пасивни пушачи и нашиот организам страда исто како и кај пушачите! Од ПМ2.5 и ПМ1 честичките организмот нема одбрана!
За жал кај нас не се почитува законот за забрана за пушење во затворени простории и сите кои престојуваат се изложени на многу поекстремна загаденост и опасност од ПМ25 и ПМ1 честичките отколку да престојуваат на отворено. Тука е потребно системско решение и под итно треба да се забрани пушењето во затворени простории без никаква импровизација на законот!
Загадувањето на воздухот е глобален проблем и има потреба од системски решенија, но личната одоворност и спроеведувањето на заштитните мерки можат значително да го намалат ризикот по здравјето.
Батали.нет
5.Кои групи луѓе се најранливи на загаден воздух и студ – на пример, деца, постари лица или луѓе со хронични заболувања?
Во деновите на голема загаденост на воздухот секој кој е на отворено во тој момент има зарозено здравје. Но сепак постојат неколку ранливи категории на кои треба да се посвети посебно внимание.
Пред се тука се децата и бебињата. Во последните години золемен е бројот на деца имаат често бронхитис и астма како резултат на загадениот воздух. Имунолошкиот систем кај децата сеуште не е доволно созреан па тие се лесно подложни на воспаленија на дишните патишта. Тие се поизложени и поради висината. Имено штетните честички најчесто имаат највисока концентрација во ниските слоеви. Уште една причина е таа што децата имаат поголем број на респирации во минута.
Затоа доколку сакате децата да ги изнесете на воздух, однесете ги во природа, што подалеку од урабните средини каде има густ сообраќај или индустриски објекти.
Друга ранлива категорија се трудниците. Во првиот триместар од бременоста ризикот од аерозагаденоста е најголем и може да влијае на развојот на плодот. Исто како и децата, и трудниците треба да избегнуваат движење и физичка активност на отворено во период на високи концентрации на ПМ честички.
Уште една категорија која посебно треба да внимава се пациентите со хронични респираторни болести како астма и опструктивен бронхитис (ХОББ). Тие се многу загрозени во овие месеци и секогаш први реагираат на загаденоста поради влошување на нивните симптоми, како кашлица и отежнато дишење. Препораката е редовно да ја земаат пропишаната терапија, по потреба да и ја појачаат, секако во консултација со нивниот лекар.
Исто така осетлива категорија на загадениот воздух се и пациентите со хронични болести и постарите лица. Лицата со коморбидитети, како респираторни заболувања, малигни болести и имунодефициентни пациенти имаат нарушен имунитет што ги доведува во посебно висок ризик од последици од аерозагадувањето. Затоа овие пациенти треба да се особено внимателни и да си го негуваат своето здравје.
Во ризична група влегуваат и лицата кои редовно тренираат или спортуваат на отворено. Нивното здравје се доведува во ризик кога тоа го работат во период на висока аерозагаденост.
Батали.нет:
6.Луѓето често имаат погрешни претстави за здравјето на уво, нос и грло. Кој е најчестиот мит што го среќавате зимава?
Во секојдневната пракса многу често се среќаваме со погрешни тумачења и заблуди околу одредни болести или состојби поврзани со увото, носот и грлото. Затоа лекарите покрај дијагностиката и третманот, посебно внимание треба да обрнат и во здравствената едукација на пациентите.
- Една од најчестите заблуди е дека ушите треба да се чистат со чепкалка. Факт е дека увото воопшто не треба да се чепка. Увото има свој механаизам на самочистење и секојдневно ја исфрла ушната маст која само трба да се избрише. Инаку ушната маст се создава во ушниот канал и има заштитна улога.
- Мит е дека главоболката значи воспаление на синусите. Факт е дека главоблката е општ симптом кој следи многу други болести и поради тоа ако имате чести главоболки најпрво треба да се консултирате со вашиот матичен лекар, кој после преледот ќе ви постави дијагноза или ќе ве упати кај специјалист, меѓу другото и оториноларинголог, каде би се поставила дијаноза и секако терапија.
- Еден од митовите е дека при крварење од нос треба да се зафрли главата назад и да се крене рака. Факт – при крварење од носот најпрво треба да се издува коагулираната крв од носот. Потоа да се наведне главата малку напред и со два прста да се притисне мекиот дел на носот и така да се задржи неколку минути.
- Еден од честите митови е дека после операција на крајниците детето често ќе “спушта” инфекции на белите дробови. Факт – оранизмот има совршено формиран и распореден имун систем кој ја надокнадува функцијата на крајниците откако тие ќе се отстранат. Остаток од лимфното ткиво во грлото и вратот ја презема улогата на крајниците и не штити од патогените оранизми.
Батали.нет:
7. На крај, што би им советувале на сите кои сакаат да го одржат здравјето на дишните патишта во зимски услови со многу загаден воздух?
“Здравјето не е само отсуство на болест. Тоа е состојба на целосна физичка, ментална и социјална благосотојба”. Ова е дефиницијата за здравје на Светската Здравствена Оранизација.
За жал во Македонија поради високата аерозагаденост, нискиот стандард и ниската здравствена култура здравјето на луѓето е под сериозна закана. Ова допринесува амбулантите постојано да се полни со пациенти, што серозно го оптеретува здравствениот систем кој поради недостаток на стручен кадар и опрема не може секогаш соодветно да одовори на предизвиците.
Д-р Оливер Зографски
Затоа она што можеме сами да го направиме е колку што можеме повеќе да го негуваме сопственото здравје. Тоа значи да се имаат колку што е можно подобри здрави навики, секако во граници на можностите.
Пред се треба организмот да е добро хидриран. Затоа пијте доволно вода, може чаеви или свежи сокови.
Секогаш јадете свежа храна, по можност доволно овошје и зеленчук, како и здрави масти и протеинска храна.
Најважно од се во овие месеци избегнувајте долг престој на отворено доколку има висок степен на загаденост на воздухот.
И секако, избегнувајте престој во простории каде што се пуши!
















