РК Гемиџии – Велес продолжува со максимален учинок во Пионерската машка лига. Во рамки на петтото коло, велешките ракометари забележаа убедлива победа на гостувањето кај МРК Куманово со 17:32.
Гемиџии од самиот почеток го наметнаа својот ритам и со добра тимска игра, борбеност и ефикасност во нападот стигнаа до нов триумф. Младите велешани од натпревар во натпревар покажуваат напредок и потврдуваат дека се сериозен конкурент во својата група.
Најефикасен во редовите на Гемиџии беше Горјан Зафиров со шест гола, а Андреј Јакимовски и Бојан Мартинов постигнаа по пет. Лука Стефанов и Даријан Бобевски се запишаа со по три погодоци.
Во следното коло велешкиот состав го очекува вистински предизвик – дербито во групата Б против Алкалоид. Гемиџии ќе го пречекаат противникот во дуел меѓу две од трите екипи кои досега се без пораз во првенството.
Овој натпревар ќе биде важен тест за младите велешки ракометари и можност да го продолжат победничкиот низ и да го задржат максималниот учинок.






















