Градско уште еднаш покажа дека хуманоста живее меѓу граѓаните. На првата крводарителска акција во 2026 година беа собрани вкупно 103 единици крв, бројка што сведочи за високата свест и подготвеност да се помогне таму каде што е најпотребно.
Крводарителите одново ја потврдија својата несебичност, одзивајќи се во голем број и давајќи директен придонес за спасување човечки животи. Ваквите акции не се само здравствена потреба, туку и силна порака за солидарност и заедништво во општеството.
Акцијата беше реализирана со заеднички сили на Црвен крст на РСМ – Општинска организација Велес и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, со поддршка на Општина Градско. Посебен придонес во организацијата дадоа и волонтерите од Основната организација на Црвен крст Градско, кои активно учествуваа во нејзината реализација.

















