Велешка компанија ИДЕА ХОЛДИНГ претстави два иновативни производи за поддршка на логопедската работа

GLOO didactic и патентираната SLP CUP беа премиерно претставени во технолошкиот парк N99 Technologies во Скопје. Производите ги поврзуваат клиничкото искуство и технолошкиот развој во насока на поддршка на комуникацијата и оралната моторика.

Zito baner

Велешката компанија ИДЕА ХОЛДИНГ на 31 октомври во технолошкиот парк N99 Technologies во Скопје ги претстави GLOO didactic и SLP CUP – два производи развиени со цел да одговорат на конкретни потреби во логопедската и терапевтската практика.

Agria

На настанот, д-р Мулјаим Качка, доктор на науки по логопедија и лингвистика и клинички логопед, ги презентираше стручните и клиничките основи на производите, посочувајќи ги охрабрувачките резултати од досегашните испитувања. Тој ја нагласи важноста од создавање решенија што произлегуваат од непосредната работа со корисниците и нивните потреби.

Никола Тодоровски од ИДЕА ХОЛДИНГ, креатор на GLOO didactic, ги претстави техничките карактеристики и начинот на функционирање на уредот, демонстрирајќи како технолошкото знаење може да се претвори во практична алатка за поддршка на комуникацијата и развојот.

GLOO didactic е интерактивен дидактички уред наменет за поддршка на визуелното внимание, интеракцијата и воспоставувањето контакт со очи кај деца со аутизам. Уредот користи комбинација од светлосни, звучни и вибрациски сигнали и е осмислен како дополнителна алатка во терапевтската работа.

Вториот производ, SLP CUP, е патентирана логопедска чаша со две нивоа, наменета за вежбање на подвижноста на јазикот и поддршка на оралната моторика кај деца и возрасни. Производот е развиен врз основа на потребите што произлегуваат од клиничката практика.

Премиерното претставување ја истакна важноста на соработката меѓу клиничките професионалци и технолошките компании во развојот на иновативни производи. Преку поврзувањето на истражувањето, стручното искуство и технолошкиот развој, ИДЕА ХОЛДИНГ од Велес работи на решенија што имаат потенцијал за примена и надвор од домашниот пазар.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: