Иако сениорскиот тим на Фруитленд Борец беше исклучен од натпреварувањето од страна на РФМ, младинските категории на велешкиот клуб и понатаму активно се натпреваруваат и ги бранат боите на клубот. Кадетскиот состав на Фруитленд Борец во недела, на 4 мај, ќе го одигра реванш натпреварот од разигрувањето за пласман на завршниот турнир – Ф4, против екипата на РК Струга.
Првиот натпревар се одигра во Велес и заврши со минимална победа на гостите од Струга – 34:36. Тоа значи дека кадетите на Фруитленд Борец сега патуваат на реванш во Струга, каде ќе се обидат да ја анулираат негативата и да обезбедат пласман меѓу четирите најдобри екипи во државата.
Неделниот дуел во Струга ќе биде вистински испит на карактер, фокус и тимски дух за младите надежи на Фруитленд Борец. Победата значи пласман на Ф4, но уште поважно – продолжување на традицијата и спортскиот дух на велешкиот клуб.