Само пет дена пред да ја изврши двојната ликвидација во Велес, на 39-годишниот скопјанец Илија Стефановски судот му ја укинал мерката забрана да го напушта домот и да се јавува во полиција, откако обвинителството го побарало тоа. Ова доаѓа, откако велешкиот суд минатата среда го осудил на условна казна од 16 месеци за загрозување на сигурноста и насилство, кое го вршел врз неговата поранешна девојка, 31-годишната Росица. Судот му ја продолжил забраната да и се приближува. И покрај тоа, Стефановски вчера ја уби Росица и нејзиниот 74-годишен татко, а потоа си пресуди и себе си.
„Основен суд Велес донесе и решение К.бр.123/25 од 10.09.2025 година со кое останува во сила мерката на претпазливост Забрана на приближување или воспос- тавување, односно одржување контакти или врски со лицата Р. К. и И. М. од В. согласно чл.146 ст.1 т.6 од Законот за кривична постапка и тоа се додека има потреба а најдолго до правосилноста на пресудата, а определените мерки на претпазливост Забрана на обвинетиот да го напушти живеалиштето односно престојувалиштето согласно чл.146 ст.1 т.1 од Законот за кривична постапка и Обврска обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице во просториите на МВР СВР Скопје ПС Кисела Вода, еднаш во седмицата согласно чл.146 ст.1 т.2 од Законот за кривична постапка, се укинуваат по предлог на Јавниот обвинител и согласност на бранителот“, велат од Основен суд Велес.
Во меѓувреме, Коцева го пријавила Стефановски за неизвршување судска одлука и за нови напади. Испраќал пораки, се приближил до нејзиниот дом и запалил автомобил на нејзиниот татко. Обвинителството издало наредби за прибирање телефонски докази и видео-снимки. Паралелно, таа го пријавила и во ОЈО Скопје за настан од декември 2024, кога тој се обидел да ја затвори во стан и и нанел повреда. Стефановски возвратил со контра пријава за лажно пријавување, која била отфрлена. Од обвинителството велат дека Стефановски бил и предмет на психијатриско вештачење, откако бил обвинет за нанесување полесна повреда на партнер на Коцева.
„Во рамките на оваа постапка, ОЈО Велес нареди и психијатриско вештачење на обвинетиот, а вештото лице се произнесе дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената“, велат од Основното јавно обивнителство Велес.

Во полициската евиденција се забележани повеќе инциденти меѓу Илија Стефановски и Росица Коцева, од крајот на 2024 до летото 2025 година. Коцева пријавила вознемирување и физички напади во јануари и март, заканувачки графити и палење автомобил во мај, пронајдено USB со интимни снимки во јуни и непочитување на судска забрана во јули. Против Стефановски има и кривична пријава за семејно насилство од декември 2024, додека тој поднел неколку поплаки против Коцева, по кои полицијата водела службени разговори. Сето ова, за жал заврши трагично, кога вчера околу 15:30 часот, Стефановски дошол во куќата на Коцеви во Велес. Таму го затекнал само таткото на Росица, кого со нож го избодел до смрт. Откако не можела да го добие својот татко на телефон, Росица заедно со својот партнер дошла во домот. Само што влегле внатре, Стефановски веднаш ја нападнал и со повеќе убоди ѝ нанел смртоносни повреди. Таа искрварила на самото место. По злосторството, Стефановски се затворил во една од просториите во куќата и со ножот си го одзел животот.
„На местото е затекнат Ф.Т. од Велес, сегашен партнер на Р.К., кој изјавил дека заедно отишле во домот на нејзиниот татко затоа што не се јавувал, а откако Р.К. ја отворила вратата со остар предмет ја нападнал нејзиниот поранешен партнер, И.С.(39) од Скопје, по што ја заклучил вратата. После тоа, полициски службеници влегоа во домот и го пронајдоа починат нејзиниот татко К.К.(74) , кој исто така, имал повреди од остар предмет. Во домот со повреди од остар предмет е пронајден и И.С., за кој според првичните информации постои сомнение дека откако ги нападнал двајцата, сам се повредил. Откако е пренесен во болницата во Велес и кај него е констатирана смрт“, велат до СВР Велес.
Трагедијата го потресе Велес и повторно ја отвори дилемата колку се ефективни мерките за заштита на жртвите на семејно и партнерско насилство.