Младите фудбалери на Борец Јуниор имаа одличен настап на „Илинден куп 2026“, еден од најмасовните младински фудбалски турнири во Македонија, на кој велешкиот клуб настапи со четири генерации – 2015, 2016, 2018 и 2019.
Генерациите 2016, 2018 и 2019 беа на чекор до пласман во нокаут-фазата, но спортската среќа овојпат не беше на нивна страна. Најголем успех оствари генерацијата 2015, која без пораз го освои првото место во групата, а потоа продолжи со одличните настапи во елиминациската фаза.
Во осминафиналето Борец Јуниор ја совлада екипата на Кул Скопје, во четвртфиналето по изведување пенали беше подобар од домаќинот Гроздановски, додека во полуфиналето со 2:1 ја совлада одличната екипа на Војводина. Во финалето велешани се сретнаа со актуелниот првак на Македонија за генерација 2015, екипата на ФК Парк. Борец Јуниор во финишот прими гол, а победникот беше решен на пенали. По пенал-серијата со 3:2 славеше ФК Парк.

И покрај поразот во финалето, младите фудбалери на Борец имаа турнир за паметење. Посебно признание доби кој беше прогласен за најдобар играч на турнирот, уште една потврда за големиот потенцијал на велешката генерација 2015.
„Зад нас е одличен турнир и сме презадоволни од настапот на сите четири генерации. Особено сум горд на генерацијата 2015, која одигра фантастичен турнир. Стигнавме до финалето без пораз, а Матео Андов беше прогласен за најдобар играч на турнирот. Тоа е големо признание и за него, но и за целиот тим. Се надеваме дека овие момчиња во иднина ќе продолжат да се развиваат и со своите резултати достоинствено ќе ги претставуваат Велес и името на Борец“, изјави тренерот Маријан Јаковлевски.

За Борец Јуниор ова е уште една потврда дека во велешката фудбалска школа растат млади таленти кои во иднина можат да бидат носители на велешкиот фудбал.





















