Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за новите максимални малопродажни цени на нафтените деривати, кои ќе важат од 14 октомври, од 00:01 часот. Бензините, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство остануваат со исти цени, додека мазутот поскапува.
Според одлуката на РКЕ, литар ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава за најмногу 98,50 денари, ЕУРОСУПЕР БС-98 за 100,50 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ БС за 97 денари. Цената на екстра лесното масло за домаќинство останува 108,50 денари за литар.
Поскапување има кај мазутот М-1 НС, чија цена се зголемува за 2,145 денари за килограм и ќе изнесува 51,742 денари.
Од РКЕ информираат дека референтните цени на светскиот пазар се намалиле кај бензините, дизелот и екстра лесното масло, но пораснале кај мазутот. Врз пресметката влијаело и зголемувањето на курсот на денарот во однос на доларот за 1,2931 отсто.
При пресметката се применети владините мерки за намален ДДВ од 10 отсто за ЕУРОДИЗЕЛ и намалена акциза од четири денари за литар кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98, како и кај дизелот.

























