Министерот за здравство, Сашо Клековски преку социјалните мрежи сподели дека денеска, по повод Светскиот ден на менталното здравје (10 октомври), го отвораат целосно реконструираниот оддел „Машки 2“ во Психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци.
Станува збор за околу 600 метри квадратни обновен простор, за кој се издвоени 300.000 евра.
„Пред четири децении, за време на моите студии, едно од двете најтешки искуства ми беа нечовечките услови во психијатриските установи. Денес работиме тоа да се смени. Договоривме преку зголемен основен буџет болницата да има континуирани средства за реконструкција, наместо да чека еднократни интервенции“, истакна Клековски.
Тој исто така посочи дека во Негорци се реконструирани сите оддели. На Клиниката за психијатрија во Скопје бил завршен дел, а во Бардовци реконструкцијата дел била завршена сега, а најави и дека ќе следи “судското одделение“.
Министерот додаде дека следна на ред била болницата во Демир Хисар.
„Менталното здравје не е само болница. Од минатата година матичните лекари имаат превентивна цел, рано откривање на депресија кај младите. Следната година започнуваме со проект за центри за ментално здравје на младите. Колку порано се препознае проблемот, толку помалку луѓе ќе стигнат до болнички кревет“, нагласи Клековски.
Воедно, тој им се заблагодари на раководството и на вработените во болницата, за кои вели дека со години ја даваат својата грижа во услови што не ги заслужуваат ни тие, ни пациентите.

























